Филипче: Вакцината против Ковид-19 ќе биде бесплатна

Министерот за здравство, Венко Филипче

Mинистерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека се уште не се знае која ќе биде цената за вакцината за Ковид-19, но дефинитивно државата ќе издвои буџет и вакцинирањето ќе биде бесплатно.

Филипче, во интервју за Слободен печат, вели дека имаат два механизми во овој момент за набавка - едниот е Ковакс механизмот, преку СЗО и Алијансата за имунизација.

„Потпишавме писмо на намери и овој механизам им овозможува на земјите рамноправно да им бидат распределени вакцините според бројот на населението тогаш кога ќе излезат на пазарот, од секој последователен производител. Земјите – членки на Европската Унија потпишаа билатерални договори со компанијата која работи на оксфордската вакцина „Астра зенека". Добивме понуда Полска да набави соодветна количина и за нас, заради тоа што нема да имаме можност за билатерален договор. Дефинитивно, со два механизми обезбедуваме дека вакцината ќе биде достапна и за нашите граѓани, бесплатно. Вакцината од Оксфорд во земјава ќе стигне преку партнерство и соработка со Полска и ќе биде бесплатна“, вели Филипче.