Груби вицепремиер, Бесими министер за финансии, Османи за надворешни работи

Архивска фотографија- лидерот на ДУИ Али Ахмети и генералниот секретар на партијата Артан Груби

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети по денешната седница на партискиот Централниот Совет на ДУИ ги соопшти имињата на нивните кандидати за министри во новата Владата по договорот со СДСМ за поделба на ресорите.

„Ова владеење е владеење на рамноправноста. Утре ќе го избереме претседателот на Собранието, нашиот пријател Талат Џафери, а потоа и нашите други пријатели, Артан Груби како прв вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими како министер за финансии, Бујар Османи за надворешна работи, Крешник Бектеши во Министерството за економија, Насер Нуредини во животната средина и останува да се договориме со коалиционите партнери за министер во Министерството за информатичко општество“, рече Али Ахмети.

Според претседателот на ДУИ, идната Влада како и во минато и во иднина со демократското начело на консензус ќе ги носи сите одлуки. За Насер Зибери кој беше кандидат за премиер, Ахмети истакна дека тој како нотар продолжува со својата работа и во иднина ќе се одлучува за евентуална функција.

Вечерва и СДСМ на централен одбор решава за своите кадри кои ќе ги водат министерствата. Лидерите на двете партии Зоран Заев и Али Ахмети вчера договорија владино мнозинство кое ќе има вкупно 62 пратеници, 46 од СДСМ, 15 од ДУИ и еден од ДПА. По изборите што се одржаа на 15 јули, претседателот Стево Пендаровски мандатот за состав на владата на 13 август му го додели на Заев кој има уставен рок од 20 дена да состави влада.