Протести против поскапување на струјата пред Влада

Протестите пред Влада против поскапување на струјата

Граѓани под мотото „Ние сме тука“, денеска протестираа пред Владата против поскапување на струјата. Тие извикуваа „Лопови“ и носеа транспаренти испишани со зборовите „Скапан систем“, „Наместо светлина ни донесовте темнина“ и „Љубовта веќе не не грее доволно“. Тие ги повикаа и сите граѓани да се обединат и да ги поддржат нивните барања.

Демонстрантите бараат поништување на последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика за зголемување на цената на електричната енергија. Владата да ја распушти Регулаторната комисија за енергетика, тело што, според демонстрантите, им служи на интересите на деловните групи и корпорации на грбот на граѓаните. Формирање независно арбитрарно тело во служба на граѓаните за да се провери квалитетот на енергетските услуги. Потоа тие бараат Владата да ги врати приватните компании за дистрибуција на електрична енергија под државна администрација. Намалување на цената на електричната енергија за 46 отсто, како и Владата да го раскине договорот со ЕВН и да се простат сите камати од сметките на ЕВН што граѓаните до сега не ги платиле бидејќи сметаме дека високите сметки се главната причина за нивно неплаќање на време.

Протест против покапување на струјата

Една група на демонстранти кон Владата тргна од Жена парк, а друга од паркот во Чаир. Двете групи се сретнаа на раскрсницата кај Мавровка од каде заедно маршираа до Владата.

Протести се одржаа и во други градови, како Тетово, Гостивар и Кичево. Регулаторната комисија донесе одлука струјата за домаќинствата да поскапи за 7,4 отсто.