Мандатари, кандидати и нови протоколи

КОСОВО - Лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК) и поранешен косовски премиер Рамуш Харадинај, ја најави својата кандидатура за иден претседател на државата, откако во април идната година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи, јави МИА од Приштина.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот, Стево Пендаровски, повикувајќи се на Уставот, му го врачи мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и на коалицијата Можеме, бидејќи, како што рече, освоиле најмногу пратенички мандати. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски, изјави: Со ова Пендаровски стана сојузник во криминалите на Заев.

МАКЕДОНИЈА - Во последните 24 часа се направени 1.848 тестирања, а регистрирани се 141 нов случај на Ковид-19, двајца починати пациенти и 175 оздравени, соопшти Министерството за здравство.

САД - Доколку Русите нуделе пари за убивање Американци, или други од Западот, ќе платат огромна цена за тоа. Тоа е она што му го кажав на Лавров, изјави американскиот државен секретар Мајк Помпео во интервју за РСЕ.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска ја обвини Грција дека создала тензии во регионот на Источен Медитеран и ја повика Атина да го почитува турските права. Тој на состанокот со претставници на неговата Партија на правдата и развојот (АКП) посочи дека дијалогот и преговорите се единствено решение за спорот со Грција за истражувањето на нафта и гас во Источен Медитеран.

ГРЦИЈА - Почнувајќи од понеделник 17 август до 31 август, на граничниот премин Евзони, само во периодот од 6 до 22 часот по македонско време, влез во Грција ќе може да остварат само државјани на Република Грција, државјани на трети земји кои имаат регулиран престој во Грција, EULEX-дипломатски персонал и членови од нивните семејства, лица кои патуваат од медицински и бизнис причини, а кои претходно биле најавени и добиле одобрување за патување од Aмбасадата на Република Грција во странство, како и возачи на товарни возила, соопшти МВР.

БЕЛОРУСИЈА - Белорусија продолжуваат протестите против реизборот на Александар Лукашенко на изборите за кои демонстрантите велат дека биле фалсификувани. Во неколку делови на Минск, групи од стотици луѓе формираа човечки синџири во знак на протест, а со сирени на автомобилите ги забавуваа и блокираа полициските возила.

УНГАРИЈА - Унгарија потпиша изјава за намера да купи ракети за противвоздушна одбрана од Соединетите држави за околу милијарда долари. Американската амбасада во Будимпешта го опиша договорот како најголема унгарска набавка во одбраната од САД до денес.

ГЕРМАНИЈА - На станиците за тестирање на германските автопати, најголем процент од заразените со ковид-19 бил пронајден на просторот за одмор на автопатот А3, кој главно носи патници од Западен Балкан во Германија. Според германски медиуми, позитивни се околу 2,4 проценти од тестовите во Центарот за тестирање на автопатот А3 Донаутал-Ост. Од отворањето на Центарот за тестирање, 16.556 патници дозволија да им се земат брисеви. Од нив, 410 се позитивни.