Помпео: Европа да ја брани демократијата од Русија и Кина

Мајк Помпео пред чешките сенатори

Во Сенатот на чешкиот парламент американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео ја обвини Русија дека ги поткопува демократиите во Европа со дезинформации, а Кина уценувачки кампањи со цел да добие влијание во светот, и притоа ја повика Европа да ги брани своите демократски принципи и да се грижи повеќе за суверенитетот.

„Треба да ја искористиме оваа средба за Чешката Република и Европа да посветат поголемо внимание на одбраната на нивните вредности, нивните демократски принципи, да се грижиме повеќе за нивниот суверенитет“, рече Помпео во говорот пред чешките сенатори.

Шефот на американскиот Стејт департмент рече дека авторитарните режими не исчезнале во 1989 година.

Помпео: Руските власти гo задушуваат независното информирање

„Русија постојано се обидува да ја поткопа вашата демократија и безбедност преку кампањи за дезинформации, сајбер-напади, таа се обидува да ја преобличи вашата историја. Постои и закана од Кинеската комунистичка партија и нејзините кампањи за уцени“, рече Помпео.

Според државниот секретар на САД, проблемот со Кина е покомплексен од ривалството со Советскиот Сојуз за време на Студената војна, затоа што Кина се обидува да влијае врз земјите преку економска соработка и се заканува со економски последици за компании од земји чии службеници се однесуваат поинаку од тоа што му се допаѓа на Пекинг.