Филипче: Огромен е ризикот ако училиштата се отворат од септември

Венко Филипче

Комисијата за заразни болести смета дека е огромен ризик по здравјето и на учениците, нивните родителите и на вработените во училиштата доколку училиштата целосно се отворат и почнат да функционираат од почетокот на септември, изјави попладнево министерот за здравство Венко Филипче.

Тој во изјава за телевизија Сител истакна дека има многу примери од различни земји во светот, кога по отворањето на училиштата заради очигледно неминовното зголемување на бројот на заразени, училиштата повторно беа затворени.

„Очигледно дека такво сценарио е можно и кај нас доколку целосно училиштата се отворат. Свесни сме дека ова е еден голем предизвик, дека нема идеално решение. Ја следиме дебатата во јавноста. Секоја од групите има некои свои аргументи, меѓутоа ние како Министерство за здравство апсолутно ставаме приоритет на заштита на здравјето на граѓаните, вклучително и на децата кои треба да тргнат на училиште“, рече Филипче.

Тој додаде дека имаат нивни сознанија, согледувања, анализи кои ги правеле, а од страна на МОН ги доставиле протоколите врз основа на кои би требало училиштата да функционираат. Посочи дека има многу протоколи, но тие, како што рече, не се почитуваат и едноставно таму каде не се почитуваат протоколите може да биде потенцијален извор на зараза.