Несамостојни Македонци, истепани Белоруси, загрижени Грци...

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1627 тестирања, а регистрирани се 139 нови случаи на ковид-19, еден починат пациент и 239 оздравени.

МАКЕДОНИЈА - Младите во Северна Македонија и во речиси сите земји во регионот, според најновите податоци на Евростат, го напуштаат домот на своите родители со над 30 години. Покрај Северна Македонија, ова се однесува и на Србија, Црна Гора и Турција, со тоа што младите во оваа земја го напуштаат домот на своите родители на возраст од 27,5 години.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски, на 13 август во 12 часот, мандатот за состав на Владата на Република Северна Македонија ќе му го довери на Зоран Заев, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието, соопшти денеска Кабинетот на Претседателот.

САД - Демократскиот кандидат на претседателските избори во САД, Џозеф Бајден ја назначи сенаторката Камала Харис за кандидат за местото потпретседател на државата. Одлуката на Бајден е историска затоа што Харис ќе биде првата афроамериканка во историјата на Соединетите држави што ќе биде кандидат за претседател или за потпретседател на државата.

ГРЦИЈА / ТУРЦИЈА - Турскиот брод за сеизмички истражувања Оруч Рејс го променил правецот и плови североисточно, без да е познато дали се враќа кон пристаништето во Анталија, но според грчките медиуми, и понатаму се наоѓа во морскиот дел за кој Грција смета дека е нејзин континентален гребен, па затоа грчките власти со загриженост барале тој да ја напушти областа.

БЕЛОРУСИЈА - Во Белорусија продолжија пост-изборните протести, и покрај тоа што кандидатката за претседател Свјатлана Циханускаја замина за Литванија и проширената владина акција против опозицијата. Полицијта и безбедносните сили користеа солзавец, гумени куршуми и зашеметувачки гранати за да ги растераат демонстрантите во главниот град Минск. Притоа биле приведени повеќе демонстранти.

ЧЕШКА / САД  - Американскиот државен секретар Мајк Помпео со посета на Прага ја започна петдневна турнеја по Централна Европа. Во чешката престолнина тој се сретна со чешки и американски технолошки компании во врска со улогата на Кина во изградбата на 5G мрежата.

ГЕРМАНИЈА / РУСИЈА - Германското Министерство за здравство изрази сомнеж за квалитетот, ефикасноста и безбедноста на вакцината против вирусот корона, што вчера го објави рускиот претседател Владимир Путин, а од Москва стигнаа и информации дека и ќерката на рускиот лидер ја примила вакцината (на фотографијата).

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Велика Британија влезе во најдлабока рецесија откако денешните податоци покажаа дека економијата се намалила повеќе од која било друга земја од Г7 за време на појавата на корона вирусот во трите месеци до јуни, соопшти Канцеларијата за национална статистика (ОНС).

САД - Фејсбук отстрани седум милиони објави во второто тримесечје од оваа година, поради споделување на лажни информации за коронавирусот, вклучително и содржина што промовирала лажни превентивни мерки и лекови, пренесе Ројтерс.