ИЈЗ: Продолжува трендот на помалку новозаразени и починати

Илустрација

Трета недела по ред продолжува трендот на намалување на бројот на новозаболени и починати лица, а се бележи благо зголемување на бројот на оздравени лица, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 3 до 9 август 2020 година.

Според ИЈЗ, во овој период се направени вкупно 9.543 тестирања (1.8% помалку од периодот 27 јули –2 август) и регистрирани се 816 позитивни случаи на Ковид-19, што претставува намалување за 10.5% споредено со претходната недела.

Во периодот на известување повторно намалување има и во процентот на позитивни од тестирани случаи, кој изнесува 8,6%, во споредба со последните две недели кога 9,4%, односно 10% од тестираните беа позитивни. Новозаболени се регистрирани во 26 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (31,4%), во Штип (11,3%) и во Гостивар (10,4%). Во 16 градови во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Во периодот од 3 до 9 август се регистрирани 1.038 оздравени лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е благо зголемување во споредба со претходниот период. Во периодот од 3 до 9 август, регистрирани се 25 смртни случаи, што е намалување од 13,8%, во однос на минатата недела, кога исто беше забелжано намалување на бројот на смртни случаи. Најголем дел од случаите се лица над 60 години – 56,0%. Во болнички услови се починати 21 од случаите, а четири вон болнички. Кај 19 од смртните случаи (76,0%) регистрирани се претходни коморбидитети.