Средби, јазици и притисоци

ЛИБАН - Учесниците на меѓународна конференција на донатори за Либан ветија дека ќе испратат помош од 252,7 милиони евра за земјата. На конференцијата, чиј домаќин беше францускиот претседател Емануел Макрон, донаторите ветија дека итно ќе дадат помош во лекови, болници, училишта, храна и сместување, пренесува Асошиетед Прес. Повеќе од 30 учесници на конференцијата претходно се согласија дека помошта ќе биде испратена директно до населението, со цел да спречат властите да ги злоупотребуваат средствата.

МАКЕДОНИЈА - Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ги кани претседателите на албанските партии на средба, соопштија од партијата. Покани се испратени до Африм Гаши од Алтернатива, до Билал Касами од БЕСА, до Зијадин Села од Алијанса за Албанците и си лидерот на ДПА, Мендух Тачи. Според Зоран Заев, тоа е притисок врз него и коалицијата Можеме, а според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ја нарачал оваа средба.

МАКЕДОНИЈА - Mинистерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, на Фејсбук објави дека се потпишани подзаконските акти за воведување на полициски униформи на кои симболите ќе бидат и со албански јазик. Од МВР појаснија дека тоа е согласно Законот за употреба на јазиците, но дека актите прво треба да добијат владина согласност.

СРБИЈА - Членките на коалицијата Сојуз за Србија (СзС), кои кои ги бојкотираа парламентарните избори, од денеска своето заедничко опозициско дејствување го продолжуваат преку Обединетата опозиција на Србија, јави МИА од Белград. Согласност дадоа 12 политички субјекти, а се придружи и движењето Двери.

ТУРЦИЈА / ГРЦИЈА - Турската воена морнарица денеска соопшти дека бродот Орук Реис во следните две седмици ќе спроведува истражувачко дупчење во спорното подрачје на источниот Медитеран, а тоа дефинитивно ќе ги зголеми тензиите со Атина, објави Ројтерс. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис веднаш го свика Советот на национална безбедност, а на состанокот присуствувале и министрите за одбрана и надворешни работи.

БУГАРИЈА - Родители на деца со посебни потреби во Бугарија, од иницијативата Системот нè убива, планираат да ги преместат шаторите на локација пред зградата на Владата, соопштија денеска претставници на иницијатива, пренесе МИА.

САД - Со пет милиони потврдени случаи на инфекција со коронавирус, Соединетите држави се на прво место во светот, тврди универзитетот Џонс Хопкинс, чии податоци се референтни за Соединетите држави. Сепак, здравствените работници проценуваат дека со секој пријавен случај има десетина пати повеќе заразени лица, со лесни инфекции кои се не пријавени или не се препознаваат.

БЕЛОРУСИЈА - Белорускиот претседател Александар Лукашенко извојува убедлива победа на вчерашните избори, соопшти Централната изборна комисија, откако синоќа дојде до судири меѓу полицијата и илјадници демонстранти кои сметаат дека гласањето било наместено. Според прелиминарните резултати Лукашенко освоил повеќе од 80,23 проценти од гласовите. Неговиот главен ривал Свјатлана Циханускаја, доби 9,9 проценти гласови, додека тројца други кандидати добија помалку од 2 процента.