Заострени безбедносни мерки во Кашмир

Архива - индиски воени камиони во Кашмир.

Властите во Кашмир ги заострија безбедносните мерки на годишнината од укинувањето на специјалниот статус на сојузната држава Џама и Кашмир.

Властите соопштија дека поради пандемијата полицискиот час ќе започне порано, а ќе биде ограничено и движењето, транспортот и комерцијалните активности.

Многу патишта, мостови и раскрсници се блокирани со барикади и жици, а поставени се и контролни пунктови каде се вршат строги контроли.

Продавниците и работилниците денеска се затворени.

Жителите на Кашмир велат дека индиските власти под изговор на пандемијата вршат „брутална осада на регионот која трае една година.“

Пред точно една година индиската влада донесе уредба за укинување на специјалниот статус на сојузната држава Џама и Кашмир, гарантиран со Уставот на земјата. За оваа територија со годинин наназад спорат Индија и Пакистан.

Регионот исто така е поделен на две територии – Ладак и Џама Кашмир.

По укинувањето на специјалниот статус, индиските власти со месеци ги блокираат информациите од Кашмир и вршат притисок врз регионот за да спречат насилна реакција на одлуката за намалување на нивото на автономија на химелајскиот регион.

Илјадници млади луѓе, сепаристички лидери и политичари се уапсени, а стотици луѓе и натаму се ставени во затвори.