Жртви и коалиции

ЛИБАН - По експлозијата на пристаништето во либанскиот главен град Бејрут, околу 300.000 луѓе останаа без дом, а штетата од експлозијата изнесува од три до пет милијарди долари, изјави гувернерот на Бејрут, Марван Абуд. Бројот на жртви се искачи на 100, а на повредени на над 4000.

МАКЕДОНИЈА - Во последните 24 часа се направени 1507 тестирања, а регистрирани се 88 нови случаи на ковид-19, шестмина починати и 113 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство.

БУГАРИЈА - Подготвен сум да заминам во секое време. И заради мене не сакам да има тензии на кој било начин. Јас не сум Радев да се радувам кога луѓето се тепаат на улиците и ги затвораат раскрсниците, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека појавата на коронавирус е под контрола во Соединетите држави, каде што најмалку 155.000 луѓе починаа и каде што бројот на заразени расте.

ГЕРМАНИЈА - Германските власти делумно го укинаа предупредувањето да не се патува во Турција. Ова со недели го бараа властите во Турција, чиј туризам зависи од гостите од Германија. Германското Министерство за надворешни работи објави дека го откажува официјалното предупредување за туристички патувања до турските провинции Анталија, Измир, Ајдин и Муглу, на западниот егејски брег на таа земја, кои се омилени летувалишта на Германците.