Поранешни вработени во СЈО бараат извинување од Пендаровски

Седиштето на поранешното СЈО

Поранешни вработени во СЈО денеска преку соопштение реагираат на говорот на претседателот Стево Пендаровски по повод чествувањето на Илинден од меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.

„Имено, во својот говор Претседателот Стево Пендаровски изјави: „Нашите граѓани со право се разочарани кога гледаат дека обвинителството кое беше симбол на сите наши надежи за расчистување со организираниот криминал се распадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал…“.Во ваквата изјава Претседателот недвосмислено зборува за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, при тоа поистоветувајќи ги сите вработени без исклучок, како да се тие дел од организиран криминал. Обвинителството не го сочинуваше само една личност, па оттаму крајно некоректно е сите вработени да се поистоветат со постапките на една личност и притоа нивниот труд да биде девалвиран“ се наведува во соопштението.

Ниту една постапка на вработените,како што наведуваат, во сега веќе укинатото СЈО, не придонела за распад на институцијата, туку истата е укината со политички договор.

„Бидејќи никој, а особено не Претседател на држава, не може и не смее да обвинува од говорница, бараме Претседателот јавно да се извини на сите кои беа дел од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и да ја повлече ваквата срамна изјава во најкус рок“ се додава во соопштението.