На Чешка ѝ се потребни 3,5 милиони вакцини против ковид-19

Прага

Чешка проценува дека ќе ѝ бидат потребни околу 3,5 милиони вакцини против ковид-19, за од прилика една третина од населението, кога некоја од вакцините ќе биде одобрена, а владата се надева дека ќе успее да ги набави преку Европската унија, која полесно од малите земји преговара со фармацевтските компании.

„На почетокот имаше преку 160 кандидати за вакцини. Сега првите 20 влегуваат во навистина финален облик. Мојата идеа е дека треба да биде за ризичните групи. Такви луѓе во Чешка може да има 3 до 3,5 милиони“, изјави денеска за весникот Блеск поранешниот шеф на Кризниот штаб и претставник на чешката влада за истражувања и наука во здравството, епидемиологот Роман Примула.

Типичниот Чех од ризични групи, според Примула, е постар човек со висок притисок и дојабетичар, а по ризичните пациенти треба да бидат вакцинирани здравствените работници, зашто се на удар.

Коронавирус- како ќе се помине есента?

Тој очекува првите четири вакцини за ковид-19 во светот да бидат регистрирани кон крајот на октомври, додека една веќе е регистрирана во Кина, но таа е само за кинеската војска и сигурно нема во догледно време да биде регистрирана во светот.

Чешка смета дека како мала земја ќе ѝ биде од корист одлуката на ЕУ за централна набавка на вакцини против коронавирус, со што и помалите земји ќе добијат пристап, зашто големите однапред го резервираат производството кај фармацевтските компании.

Во Чешка вчера беа регистрирани 125 нови случаи на коронавирус, со што бројот на активни случаи достигна 4729 што е најмногу од почетокот на епидемијата во март. Во земјата досега се регистрирани 16699 случаи на коронавирус, од кои 11587 се излечени, а 383 луѓе починаа.