Хамнеи не сака преговори со САД за нуклеарната програма

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи не сака да преговара со САД за иранската нуклеарна програма. Тој ги нарече САД „главен непријател на Иран“.

„Американските брутални санкции кон Иран се насочени кон колапс на нашата економија. Нивната цел е да го ограничат нашето влијание во регионот и да ги запрат нашите нуклеарни способности“, рече денеска Хамнеи во говорот во живо на државната телевизија.

Тензиите меѓу Вашингтон и Техеран се зголемија откако американскиот претседател Доналд Трамп во мај 2018 година ги повлече САД од договорот за нуклеарната програма на Иран. Потоа, Вашингтон повторно воведе санкции кон Техеран, а како одговор на тоа Иран почна да прекршува делови од договорот склучен со светските сили во 2015.

За време на својот говор, Хамнеи исто така ги критикуваше европските лидери што не успеале да го спасат договорот од 2015 година.

Администрацијата на Трамп соопшти дека сака да преговара со Техеран за поширок договор со кој ќе се ограничи иранската нуклеарна програма, ќе се запре ракетната програма и ќе се ограничи регионалното влијание на Иран.