Од Инфективна до Марс

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп навести можност за одложување на претседателските избори во ноември поради неоснованите стравувања дека зголеменото гласање по пошта може да резултира со измама и неточни резултати. Само Конгресот може да донесе одлука за одложување на изборите.

БЕЛГИЈА - ЕУ за првпат воведе санкции против луѓе и правни лица поради извршени сајбер-напади. Санкции се воведени против четворица Руси и една единица на руското воено разузнавање ГРУ. Санкции се воведени и против две правни лица од Кина и едно од Северна Кореја, како и против двајца Кинези.

МАКЕДОНИЈА - Во последните 24 часа се направени 1325 тестирања, а регистрирани се 119 нови случаи на Ковид-19, четворица починати и 89 оздравени.

МАКЕДОНИЈА - Вршителот на должноста поглавар на Исламската верска заедница, Шаќир ефенди Фетаи, на својот фејсбук профил објави дека е позитивен на ковид-19.

ШВЕДСКА - Шведска, која го привлече вниманието со благата стратегија во порбата против коронавирусот, денеска повика на работа од дома, барем до Нова година. Во земјата досега се регистрирани над 80 илјади инфицирани со коронавирус.

БУГАРИЈА - Илјадници луѓе маршираа во градовите низ Бугарија на веќе тринеделните протести за да бараат оставка на владата на премиерот Бојко Борисов и на главниот обвинител Иван Гешев.

БЕЛОРУСИЈА - Белоруската државна новинска агенција Белта објави дека 32, како што ги нарече, странски милитанти од приватната руска воена компанија Вагнер биле приведени во близина на Минск само неколку дена пред претседателските избори во земјата.

САД - Со денешното лансирање на роверот Персеверенс, НАСА ја почна својата најнова мисија на Марс - до сега најамбициозен обид да пронајде докази дали некогаш имало живот на т.н. црвена планета.