Ангеловска: Зголемен раст на е-трговијата поради епидемијата

Министерката за финансии Нина Ангеловска

Министерката за финансии Нина Ангеловска порача дека значајно расте бројот на нови е-продавници и е-трансакции како резултат на пандемијата на ковид-19.

„Компаниите се адаптираат и отвараат нов продажен канал за полесен пристап до потрошувачите, справување со намалениот промет на физичките локации, како и зголемување на конкурентноста и пристап по поголем пазар“, напиша Ангеловска на Фејсбук.

Според неа, во март има отворено скоро еднаков број на е-продавници, како во цела 2019 година. Но, како што посочува Ангеловска, значајно расте и бројот на нерегистрирани продавачи.

„Во Министерство за финансии уште пред кризата изготвивме предлог акциски план за борба со сивата економијата, во кој воведовме посебен дел наменет за сивата економија во е-трговија, кој вклучува активности за системски решенија, градење на капацитетите на институциите и кревање на свеста кај граѓаните. На кус рок ќе ги зајакнеме расположивите институционални механизми и контроли со цел да се намали сивата економија, додека на среден рок потребна е законска рамка за е-трговија која ќе ги постави јасно правилата со цел – од една страна да се заштитат потрошувачите и нивните права, а од друга страна фер конкуренцијата на пазарот и наплатата на давачките во државната каса“ наведува Ангеловска на Фејсбук.