Разузнавачи, политичари и аџии

САД - Американски официјални лица идентификуваа три веб-страници на англиски јазик за кои велат дека Русија ги користи за ширење дезинформации за пандемијата на коронавирус за да ја наруши американската борба за спречување на епидемијата.

МАКЕДОНИЈА - Почнуваме со кадровско освежување најавено од претседателот проф. Д-р. Христијан Мицкоски. Во таа насока, а врз основа на Статут од денес распишуваме два јавни повика, првиот за избор на претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, а вториот за избор на членови на претседателството на Унијата на ветерани, соопшти Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Собранието, Tалат Џафери, го потпиша Решението за свикување на Првата - Конститутивна седница на Собранието и таа ќе се одржи на 4-ти август 2020 година во 12 часот.

МАКЕДОНИЈА - Синдикалните организации во државата ги осудија сите работодавачи кои примиле финансиска поддршка од државата, а не ја исполниле обврската за исплата на плати на своите вработени. Тие бараат Владата јавно да ги објави фирмите кои ја користеле државната финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите вработени.

УКРАИНА - Во изминатите денови регистрирани се повеќе од сто прекршувања на примирјето во Источна Украина, соопшти Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Оттаму наведуваат дека примирјето е прекршено и во Доњецк и во соседниот регион Луханск.

ТУРЦИЈА - Турскиот парламент денеска донесе закон со кој се предвидува посилна контрола врз социјалните мрежи, што предизвикува загриженост во врска со слободата на изразување. Социјалните мрежи како Твитер и Фејсбук ќе мора да имаат претставник во Турција. Тие исто така ќе треба да се придржуваат кон наредбите на турскиот суд за отстранување на одредена содржина во рок од 24 часа. Во случај на непочитување на судските наредби, предвидени се строги казни.

БАНГЛАДЕШ - Поплавите во Бангладеш, предизвикани од монсунските дождови, погодија на 4,8 милиони луѓе, а 41 лице загинаа, од кои 31 дете, јави германската новинска агенција ДПА.

САУДИСКА АРАБИЈА - Годинашниот аџилак почна денеска со само околу 1.000 муслимански аџии, во период кога Саудиска Арабија се бори со коронавирусот. Претходните години на аџилак во Мека одеа десетици илјади муслимански верници.

ЦРНА ГОРА - Меѓународната организација Репортери без граници нагласува дека ќе биде уште еден удар врз слободата на медиумите во Црна Гора ако стапи во сила новиот Закон за медиуми. Тие го повикаа црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ да не го потпише законот.

СРБИЈА - Министерството за финансии на Србија започна истрага за финансирање на тероризам и истрага за перење пари на новинари и невладини организации, за кои критичарите велат дека е безобразен обид за заплашување од владата на претседателот Александар Вучиќ.