Над 100 пати прекршено примирјето во Доњецк и Луханск

Илустрација - Фасада од куќа во регионот Доњецк изрешетана од куршуми

Во изминатите денови регистрирани се повеќе од сто прекршувања на примирјето во Источна Украина, соопшти Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Оттаму наведуваат дека примирјето е прекршено и во Доњецк и во соседниот регион Луханск.

„Во Доњецк се регистрирани 111 прекршувања на примирјето, вклучително и 21 експлозија“, се наведува во соопштението на ОБСЕ.

Украинската армија и проруските сепаратистички групи меѓусебно се обвинуваат за кршење на примирјето, што стапи во сила во понеделникот на полноќ.

Во текот на шестгодишниот конфликт во Источна Украина имаше над 20 договори за прекин на огнот, но ниту еден не успеа. Според податоци на Обединети нации, во конфликтот загинаа повеќе од 13.000 луѓе.