Скопје, Кремљ, Пакистан...

МАКЕДОНИЈА - Кабинетот на претседателот на Собранието денеска информираше дека здравстевната состојба на собранискиот спикер Талат Џафери е стабилна и тој одмора по препорака на лекарите, и додаваат дека неговите државни обврски ќе бидат извршени во законски рок.

МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство за организиран криминал, по допрен глас, денеска влезе во Државната изборна комисија (ДИК) за да утврди дали има кривично дело при спроведување на тендерот за набавка на софтверот на оваа институција, потврдиле за МИА од Обвинителство.

МАКЕДОНИЈА - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на средба со германската амбасадорка во земјава, Енке Холштајн, рекол дека изборите не можат да се оценат за фер и демократски, бидејќи, како што истакнал, власта спровела низа прекршувања, поткупи и неправилности во текот на гласање, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1356 тестирања, а регистрирани се 102 нови случаи на ковид-19, петмина починати и 99 оздравени.

МАКЕДОНИЈА - Управата за финансиска полиција поденесе кривични пријави по повеќе основи против 11 физички и 14 правни лица, под сомнение дека во периодот од 1 јануари 2015 година до 10 октомври 2019 година на незаконски начин се стекнале со противправна имотна корист во износ од 146.770.172 денари, за кој износ ја оштетиле Фудбалската федерација на Македонија, соопшти денеска Финансиската полиција.

САД - Американскиот државен секретар Мајк Помпео, на одбележувањето на 231-та годишнина од формирањето на Стејт департментот, ги истакна успесите на американската дипломатија во изминатата година, меѓу кои, го посочи и зачленувањето на Северна Македонија во НАТО.

ПАКИСТАН - Пакистанската полиција соопшти дека петмина припадници на антитерористичка единица и двајца милитанти загинале во напад врз скриено засолниште на милитантна група во Пакистан.

ЈЕМЕН - Агенциите за помош предупредуваат дека илјадници луѓе во Јемен би можел да починат од колера, бидејќи се премногу исплашени да побараат лекување во здраствените институции кои се пренатрупани со инфицирани со коронавирус.

ТУРЦИЈА - Турција го намали бројот на бродовите во источен Медитеран, област каде што Анкара најави дека ќе бара нафта и гас. Тензиите околу долготрајниот спор избувнаа во минатата недела кога Турција објави дека планира да испрати истражувачки брод јужно од грчките острови Родос, Карпатос и Кастолеризо.

БУГАРИЈА - Бугарскиот премиер Бојко Борисов планира дополнителни мерки во насока на помагање на компаниите и луѓето кои се најтешко погодени од пандемијата на коронавирусот. Мерките што ги најави премиерот на Бугарија доаѓаат по протестите со кои се бара оставка на Владата.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган по телефон разговарале за воениот конфликт на границата меѓу Ерменија и Азербејџан, соопшти Кремљ.