Милијарди и обвиненија

МАКЕДОНИЈА - Министерството за труд и социјална политика информира дека на работничките што се на продолжено породилно отсуство, платеното отсуство ќе им трае сè додека траат времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1636 тестирања, а регистрирани се 163 нови случаи на ковид-19, 69 оздравени пациенти и нема починати во последното деноноќие.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Американскиот државен секретар Мајк Помпео пристигна во Британија за да разговара со премиерот Борис Џонсон за Кина, 5G и договорот за слободна трговија по Брегзитот.

МАКЕДОНИЈА - Поради влошување на здравствената состојба на таткото на Бојан Јовановски - Боки 13, Миле Јовановски, судењето за Меѓународен сојуз беше прекинато.

САД - Директорот и основач на Фејсбук Марк Цукерберг, критикуван бидејќи објавува на Фејсбук одредени контроверзни пораки на Доналд Трамп изрази уверување дека немал таен договор со претседателот на Соединетите држави.

БУГАРИЈА - Бугарските пратеници не ѝ изгласаа недоверба на бугарската влада, јави Ројтерс. Премиерот Бојко Борисов го преживеа гласањето за недоверба што го бараа опозициските социјалисти, кои ја обвинуваат дека не успеала да ја искорени ендемската корупција.

СРБИЈА - Oколу 350 лекари од Србија, здружени во група под името Обединети против Ковид, во отворено писмо до Владата и други надлежни институции, се оградуваат од републичкиот Кризен штаб за борба против Ковид-19 и бараат негова смена, оценувајќи дека Србија се наоѓа во јавно-здравствена катастрофа.

АВГАНИСТАН - Во напад на бомбаш самоубиец врз конвој на авганистанската армија, во округот Сајед Абад во авганистанската провинција Вардак, загинаа осуммина војници, јави АП. Одговорноста за нападот ја презедоа талибанците.

БЕЛГИЈА - Лидерите на Европската унија постигнаа договор во вторникот изутрина за пакетот за обновување за економијата на блокот од 27 држави по пандемијата. Со пакетот се нудат 750 милијарди евра грантови и заеми за одговор на ефектите од ковид-19, како на пример очекуваната рецесија, изјавија официјални лица во Брисел каде што веќе четири дена евро лидерите расправаа за економскиот пакет.Самитот требаше да трае два дена, а да заврши во сабота.

ШВАЈЦАРИЈА - Светската здравствена организација ги поздрави резултатите од првичното тестирање на две експериментални вакцини против коронавирусот, но предупреди дека претстои долг пат до ефикасна вакцина.

РУСИЈА / ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Комисијата за безбедност и разузнавање на британскиот Парламент денеска соопшти дека Русија интервенирала во референдумот во Шкотска во 2014 година, а британската Влада не успеа да побара темелна истрага за евентуалното директно мешање на Кремљ во гласањето за Брегзит. Кремљ негираше преку портпаролот Дмитриј Песков.