Од ДИК до Марс

БУГАРИЈА - На вонредна седница бугарскиот парламентот денеска расправаше за недоверба на Владата. За сето време во повеќе градови во Бугарија се одржуваа масовни протести против корупцијата во државата. Пред Собранието имаше т.н. национален штрајк.

ГРЦИЈА - Поради зголемениот број поминувања кон соседните земји, но и поради зголемениот број позитивни случаи регистрирани на граничните премини, грчката Влада, со одлука на премиерот Кирјакос Мицоакис, а по препорака на надлежните, ги заострува мерките на копнените граници и од 22 јули до 4 август за Грците и оние кои имаат дозвола за престој, влезот и излезот од земјата ќе биде дозволен само од шест гранични премини.

МАКЕДОНИЈА - Јавното обвинителство оцени дека нема основа за постапување на јавен обвинител во врска со реформите во безбедносниот систем, односно работата на Оперативно-техничката агенција (ОТА) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ), а по писменото известување на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, во кое посочува на кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувања и несовесно работење во службата поврзани со определени недоследности во функционирањето.

МАКЕДОНИЈА - Откако ДИК ги одби сите приговори за минатонеделните предвремени парламентарни зибори, најмалку 4 партии и коалиции најавија пријави за комисијата до Управниот суд.

КОСОВО / СРБИЈА - Косовскиот премиер Авдулах Хоти изјави дека меѓу Косово и Србија не се одвива технички дијалог, јави МИА од Приштина. Тој, со кратка објава на својата страница на Фејсбук, порача дека дијалогот со Белград е со единствена цел постигнување договор за меѓусебно признавање на двете држави.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли резултатите од најновата анкета, според која, неговиот демократски противник Џозеф Бајден има подобар рејтинг во јавноста. Прво и најважно, јас нема да загубам затоа што ова се анкети без никаква врска, рече Трамп во интервјуто што го објави американската телевизија Фокс њуз.

ОАЕ / ЈАПОНИЈА - Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) денеска од Јапонија ја лансираа сондата Хоуп со што ја почнаа својата прва мисија кон Марс. Хоуп треба да помине 500 милиони километри пред да стигне на својата дестинација во февруари 2021, што ќе се совпадне со 50-годишнината од основањето на ОАЕ.