Курц и Руте оптимисти по маратонските преговори на ЕУ

Себастијан Курц

Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска објави дека разговорите на самитот на ЕУ во Брисел биле тешки, но дека е задоволен од напредокот.

„Тешките преговори завршија и можеме да бидеме многу задоволни од резултатот. Продолжуваме попладне“, напиша Курц на Твитер.

Холандскиот премиер Марк Руте, исто така, истакна дека лидерите на ЕУ напредувале кон постигнување договор околу планот за оживување на економијата, но предупреди дека преговорите би можеле да завршат без успех.

Лидерите на 27 земји-членки на Европската унија ги продолжија маратонските разговори и по полноќ во Брисел во обид да постигнат договор за пакетот за економско закрепнување на Унијата од последиците од кризата предизвикана од Ковид-19.