Честитки и одмори

МАКЕДОНИЈА - Од партијата информираат дека партискиот лидер, Зоран Заев, од утре ќе користи неколку денови годишен одмор кој ќе го мине во државата. Информираат дека оцениле оти по периодов со корона-криза и избори граѓаните треба да здивнат, па за нова Владата ќе преговараат по Илинден и дека ќе ги запазат сите рокови.

МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека по пристигнато известување од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, отворило предмет за статус на социјалната мрежа Фејсбук, објавен од лидер на политичка партија. Откако дел од медумите објавија дека станува збор за статусот на Димитар Апасиев, лидер на Левица - Сите ќе ве стреламе - Апасиев објави дека не бил повикан во Обвинителството и на фејсбук напиша: Срцки соросписки.

ГРЦИЈА - Благодарение на твоите напори, пораката на прогресивните сили стана уште посилна, вели поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас, во честитката, преку Твитер до Зоран Заев, додека пак од секторот за меѓународни и европски прашања во грчката опозициска партија, коментираат дека победатана СДСМ е уште една оптимистичка порака за иднината на регионот, јави МИА од Атина.

БЕЛГИЈА - Европската унија денеска ги пофали и им честиташе на македонските граѓани за остварувањето на гласачкото право на предвремените парламентарни избори, нагласувајќи дека со нетрпение очекува да работи со силен Парламент и со стабилна коалициска Влада.

ПОЛСКА - По претседателските избори во Полска, што се одржаа на 12 јули, кога кандидатот на владеачката партија Право и Правда, актуелниот претседател Анджеј Дуда, беше реизбран со разлика од два проценти, до Врховниот суд пристигнаа речиси 1.000 приговори, што е 15 пати повеќе отколку во 2015 година, на претходните избори.

ХОЛАНДИЈА - Косовскиот претседател Хашим Тачи, при напуштањето на зградата на Специјалното обвинителство во Хаг, по осум-часовно сослушување, рече дека одговорил на сите прашања од Специјалното обвинителство.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британската влада обвини руски актери дека се обиделе да се мешаат во ланските избори. Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, во писмената изјава до новоформираната парламентарна комисија наведува дека е скоро сигурно оти неименувани лица се обиделе да се мешаат во изборите во декември 2019 година, со објавување нелегално стекнати државни документи на интернет.

БУГАРИЈА - Бугарскиот премиер Бојко Борисов посочи дека шефот на државата Румен Радев бил сценарист на антивладините протести, кои неколку денови се одржуваат во Софија и во повеќето градови во земјата.

САД - Претставникот на ОН за хуманитарни работи, Марк Лукок, изјави дека поддршката за сиромашните земји во борбата против коронавирусот досега била во голема мера несоодветна и затоа ги повика богатите земји да донираат повеќе за да им се помогне на сиромашните земји.