ДИК: Граѓаните да излезат на избори, исполнети се сите услови за безбедно гласање

Оливер Дерковски, претседател на ДИК

На вториот ден од предвремените парламентaрни избори, денеска до 15 часот гласале 7.170 лица. Не биле пронајдени во обид за гласање или не сакале да гласаат 273 лица. Во домовите за стари лица од 357 пријавени за гласање, гласале 231. Три лица не гласале. Во казнено-поправните установи до 15.30 часот од 1.657 запишани избирачи гласале 808. Од лицата кои се пријавиле за гласање во домашен притвор, досега гласале седум лица. Нема информација од запишаните шест раселени лица колку гласале. Ова попладнево го соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Дерковски на продолжението на 77 седница.

Тој рече дека вториот ден од изборите се одвива непречено и без проблеми.

„Ги охрабрувам и сите пријавени, да ги почекаат одборите доколку досега не дошле да ги посетат за да го искористат своето право на глас“, рече Дерковски.

Тој најави дека по 21 часот ќе соопштат како поминало гласањето на овие категории лица.

„Никаде не е пријавен ниеден настан кој би значел дека се загрозило здравјето на гласачите. Сметам дека така ќе помине и утрешниот ден. Апелирам граѓаните да излезат утре и да гласаат и да бидат сигурни дека се исполнети сите услови за безбедно гласање, пред се за нивното здравје и за здравјето на сите што учествуваат во организација на овој процес. Да ги почитуваат препораките и процедурите, како од нас така и од здравствените власти се со цел заштита на овој процес, а и заштита на нивното здравје“, рече Дерковски.

Утре се одвива главното гласање на предвремените парламентарни избори.