Гласање, ласери и молитви

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информира дека според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, за периодот од 6 до 12 јули 2020 година, забележано е зголемување за 40% на бројот на оздравени лица од Ковид-19, а намалување на бројот на починати во споредба со претходната недела. Додека трае пандемијата, во државата денеска се одржа вториот ден од гласањето на предвремените парламентарни избори. Гласаа старите, изнемоштените и затворениците.

МАКЕДОНИЈА - За поранешниот претседател на Кривичниот суд Скопје, Владимир Панчевски (десно), е распишана потерница, изјави денеска техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев. Тој на денешната прес-конференција информираше дека потерницата е распишана откако полициските службеници во три наврати не успеале да го пронајдат на адресата што била наведена во решението за негово приведување.

ТУРЦИЈА - Мозаиците во Аја Софија во Истанбул ќе бидат покриени со завеси или со ласери за време на муслиманската молитва, објави портпаролот на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП), откако претседателот Таип Ердоган го претвори музејот во џамија, јави Ројтерс. Христијанските икони ќе бидат откриени и отворени за сите посетители во текот на останатото време, а влезот ќе биде бесплатен, рече Омар Челик. Сè уште не е јасно како ласерите ќе ги покриваат мозаиците.

СРБИЈА - Тројцата албански пратеници, кои успеаја да обезбедат пратеничко место во Собранието на Србија на изборите одржани во јуни годинава, на денешната средба со претседателот на државата и лидер на победничката партија СНС, Александар Вучиќ, побараа министерско место во Министерството за локална самоуправа, заменик-министер за економија, државен секретар во Министерството за образование за да ја поддржат новата Влада.

ДР КОНГО - Еболата се шири во западниот дел на Демократска Република Конго со речиси 50 познати случаи низ целиот регион долж границата со Република Конго и Централноафриканската Република, соопшти Светската здравствена организација.

ХОЛАНДИЈА - Денеска продолжи сослушувањето на претседателот на Косово, Хашим Тачи кој вчера шест часа беше испрашуван од меѓународните обвинители за воени злосторства. Специјалното обвинителство го повика Тачи да дојде во Хаг, откако беше обвинет за воени злосторства.

ФРАНЦИЈА - Франција денеска го одбележа националниот празник, Денот на падот на Бастилја, но оваа година поради корона вирусот без голема воена парада на Елисејските полиња.

ЕРМЕНИЈА - Граничните судири меѓу Ерменија и Азербејџан продолжија и денеска, иако Европската унија и Русија повикаа на воздржаност.

БУГАРИЈА - Илјадници демонстранти и денеска излегоа на протести во повеќе бугарски градови, барајќи оставка на владата на премиерот Бојко Борисов поради, како што велат, корупцијата во државата.