Гласачи, хакери и талибанци

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство денеска соопшти дека во последните 24 часа во земјава се регистрирани три смртни случаи, 88 новозаразени со коронавирус и 123 оздравени лица.

МАКЕДОНИЈА - Изборите за пратеници, поради пандемијата со ковид-19 се одвиваат три дена, наместо досега кога изборниот процес се одвиваше во два дена. На 13 јули гласаа заразените со ковид-19 и лицата кои се во изолација заради вирусот.

МАКЕДОНИЈА - Мигранти од Пакистан држеле во заложништво поголема група мигранти во селото Ваксинце поради, засега, се уште неутврдени причини, информираше МВР. Пакистанските мигранти се приведени.

МАКЕДОНИЈА - Затворска казна од 19 години денеска доби Ангела Ѓорѓиевска за убиството на Пинета Секондо Пино. Судијката Ленка Давитковска ја прогласи за виновна дека помогнала во извршување на убиството што се случи на 11 декември 2018 година, а неговото тело беше пронајдено во април 2019 година во атарот на селото Љуботен, пренесе МИА.

АВГАНИСТАН - Талибанските милитанти извршија оружени напади врз воени и полициски објекти во авганистанските окрузи Имам Сахип и Чардере, соопшти портпаролот на канцеларијата на гувернерот на Кундуз, Есматула Мураду, пренесе АП. Одговорноста ја презеде Движење на Талибанците. Загинале 14 припадници на безбедносните служби.

ГЕРМАНИЈА - Германската влада им предложи на земјите членки на ЕУ да воведат санкции против Русија поради хакерскиот напад врз Бундестагот пред пет години, јави германската новинска агенција ДПА.

БЕЛГИЈА - Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел денеска изјави дека односите со Турција не се добри во моментот и ќе бидат на врвот на агендата на денешното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ.

ПОЛСКА - Актуелниот кандидат на Полска, Анджеј Дуда победи на претседателските избори, покажуваат резултатите од 99,97% од избирачките места. Оваа победа, како што наведува агенцијата Ројтерс, ќе им овозможи на владејачките националисти да ги продлабочат своите конзервативни реформи.

ХОЛАНДИЈА - Косовскиот претседател Хашим Тачи денескапристигна во Хаг на сослушување од меѓународните обвинители за воени злосторства. Тачи беше командант на Ослободителната војска на Косово, која водеше герилска војна за независност од Србија кон крајот на 90-тите.

АВГАНИСТАН - При експлозија на автомобил-бомба во северниот дел на авганистанскиот град Ајбак се повредени најмалку 40 лица, соопштија денеска официјални претставници, пренесе германската новинска агенција ДПА.