Русија и Грција со реакција за пренамената на Аја Софија

Аја Софија во Истанбул

Руската православна црква денеска реагираше за пренамената на Аја Софија во Истанбул од музеј во џамија. Турскиот претседател Реџепт Таип Ердоган денеска го потпиша декретот откако судот претходно ја поништи одлуката на Советот на министри од 24 ноември 1934 година за пренамена на Аја Софија од џамија во музеј.

„Навистина е срамота што не се слушна загриженоста на Руската православна црква и другите православни цркви. Оваа одлука, за жал, не е насочена кон усогласување на постојните разлики, туку напротив, може да доведе до уште поголеми поделби, како што порача и патријарх Кирил во својата изјава на 6 јули“, соопшти Руската православна црква.

Грчката министерка за култура Лина Мендони порача дека денешната одлука е отворена провокација кон целиот цивилизиран свет, кој ја признава уникатната вредност и универзалноста на споменикот. Според неа, никој не се обидува да се меша во внатрешните прашања на Турција, но Аја Софија, која се наоѓа на турска територија е споменик на човештвото, независно од религијата и додаде дека Ердоган ја враќа земјата шест векови назад и „избира културна изолација за земјата“.

Аја Софија во Истанбул станува џамија

Аја Софија беше најголемата христијанска црква, изградена во шести век од Византијците, а во џамија беше претворена по османлиското освојување на Цариград, денешен Истанбул, во 1453 година. Статусот од верски објект во музеј беше променет со указ во 1934 година од тогашниот турски претседател Мустафа Кемал Ататурк.