Помпео - Кина презеде „исклучително агресивна акција“ во судирот со Индија

Американскиот државен секретар Мајк Помпео

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска соопшти дека Кина презела „исклучително агресивна акција“ во неодамнешниот суди со Индија за спорен регион на границата на двете нуклеарни сили.

Ноќта на 15 јуни кинески и индиски војници се судриле користејќи ножеви, палки и стапови при што загинаа 20 индиски војници. Кина не соопшти дали претрпела жртви, но ова е најголем број загинати индиски војници во граничен инцидент со Кина во изминатите 50 години.

„Кина презеде исклучително агресивна акција, а Индијците дадоа сè од себе да одговорат на тоа“, изјави Помпео на прес-конференција во Стејт департментот.

Ова се најобемните забелешки од највисокиот американски дипломат за судирите. Помпео рече дека неколку пати разговарал за тензиите со неговиот индиски колега Субрахманјам Џаишанкар.

Русија не е во преговори со САД за учество на самитот на Г7

„Овој инцидент го ставам во контекст на генералниот секретар Си Џинпинг и неговото однесување во регионот и низ целиот свет“, рече Помпео.

Неговите забелешки се рефлексија на заострувањето на односите меѓу Вашингтон и Пекинг, околу коронавирусот, за кинеските акции во поранешната британска колонија Хонг Конг, како и во речиси двегодишниот трговски спор со САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп се понуди да посредува меѓу Кина и Индија, но експертите сметаат дека Њу Делхи, и покрај подобрувањето на односите со САД, не сака да биде сфатен дека го следи водството на Вашингтон кога се работи за прашања кои го засегаат нивниот суверенитет.