Претседатели, внуци и Мона Лиза

САД - Фејсбук и WhatsApp објавија дека повеќе нема да одговорат на барањата на властите во Хонг Конг да им дадат информации за своите корисници заради почитување на слободата на изразување.

МАКЕДОНИЈА - Во последните 24 часа се направени 1367 тестирања, а регистрирани се 120 нови случаи на Ковид-19 во Скопје 63, Куманово 4, Дебар 6, Штип 4, Прилеп 2, Тетово 14, Струга 6, Велес 2, Битола 1, Охрид 4, Гостивар 12, Свети Николе 1 и во Кичево 1. Починале 5 пациенти, а оздравеле 125, соопшти Министерството за здравство.

РУСИЈА - Роднина на рускиот претседател Владимир Путин е избран да предводи политичка партија чија платформа се фокусира врз борба против корупцијата. Роман Путин, син на братучедот на рускиот лидер, Игор Путин, е избран за претседател на политичката партија Луѓе против корупцијата.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Северна Кореја не планира да седне на преговарачката маса со САД, се вели во изјавата објавена од генералниот директор на Одделот за американски работи при севернокорејското МНР, Квон Јонг Гун, пренесе агенцијата КЦНА.

АВСТРАЛИЈА - Вториот по големина град во Австралија, Мелбурн, повторно ќе биде ставен под целосен карантин поради зголемување на случаите со коронавирус, изјави премиерот на Викторија, Даниел Ендрус. Повторното воведување на ограничувањата за излегување од дома ќе биде за шест недели.

ГЕРМАНИЈА - Германската влада потроши повеќе од милијарда американски долари во текот на изминатите десет години за стационирање на американската војска на нејзина територија, соопшти Министерството за финансии како одговор на пратеничкото прашање од пратеничката на Левицата Бригита Фрајхолд. Германија е седиште за американските операции на Блискиот исток и Африка.

ФРАНЦИЈА - Ден по отворањето, парискиот музеј Лувр стана едно од најпосетените места во Европа откако е прогласена корона пандемијата.