Од претседатели до композитори

МАКЕДОНИЈА - Платите во културата за јули ќе се пресметуваат согласно коефициентите утврдени во Колективниот договор. На средбата одржана меѓу премиерот Оливер Спасовски, министерот за култура Хусни Исмаили, заменик-министерот за култура Владимир Лазовски и претставници од Синдикатот на култура е договорено, членот од Колективниот договор со кој се регулираат новите коефициенти за плата да се применува од 1 јули 2020 година.

МАКЕДОНИЈА - Вирусот е тука и ќе остане очигледно подолго време. Мора да бидеме подготвени, да се подготви здравствениот систем и да се почитуваат мерките за заштита, изјави на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче и додаде дека очекувањата дека вирусот ќе исчезне во текот на летото не се оствариле и дека има пикови на заразата. Во последното деноноќие се регистрирани 78 новозаразени со коронавиус, 5 починати и 172 оздравени.

БУГАРИЈА - Бугарија ќе ги казнува луѓето кои не ја почитуваат обврската за физичко дистанцирање и носење заштитни маски на јавни и затворени места, најави денеска бугарскиот министер за здравство Кирил Ананиев.

АЛБАНИЈА - Албанскиот претседател Илир Мета, кој во континунитет го подржува дијалогот меѓу Косово и Србија, изјави дека иднината на двете земји е во Европската Унија.

РУСИЈА - Во контроверзниот случај кој се критикуваше како напад врз слободата на говорот, рускиот суд ја прогласи новинарката Светлана Прокопјева за виновна за оправдување тероризам.

ХРВАТСКА - Премиерот на Хрватска и претседателот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Андреј Пленковиќ, ја доби поддршката од националните малцинства, од Хрватската народна странка (ХНС) и реформистите за формирање влада, потврди портпаролот на актуелната Влада, Марко Милиќ.

ГЕРМАНИЈА / ФРАНЦИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, на 10 јули ќе организираат видео самит на претставниците на Белград и Приштина, јави агенцијата АФП. Самитот беше најавен уште во март, но не се одржа поради коронавирусот.

КОСОВО - Во неколку косовски градови од денеска се воведува полициски час поради зголемениот број на случаи на коронавирус, соопшти денеска косовскиот премиер, Авдулах Хоти. Во Приштина, Призрен, Урошевац и Вучитрн движењето ќе биде забрането од 21 часот до 5 часот наутро, а работата на рестораните се ограничува само на летни тераси и со достава.

ГРЦИЈА / СРБИЈА - До 15 јули 2020 година ќе биде забранет влезот во Грција за српски државјани со одлука на грчката Влада, врз основа на анализата на епидемиолошките податоци.

САД - Во 91 година од животот почина славниот италијански композитор Енио Мориконе. Се смета за еден од највлијателните филмски композитори во 20-иот век.