ФЗОМ: Реформа во примарната здравствена заштита

Основата на новиот модел на реформите во примарната здравствена заштита е дополнување на променливиот дел од капитацијата преку препознавање, евидентирање и вреднување на работата на избраниот лекар. Овие здравствени услуги избраниот лекар ги дава и сега, но не се препознаени и евидентирани во електронскиот систем со соодветни шифри, соопшти денеска Фондот за здравствено осигурување.

„Тоа значи дека во моментот новината е само во начинот на евидентирање на здравствените услуги кои лекарите ги вршат. Со новиот модел предвидена е следнава структура на здравствени услуги: основни здравствени услуги - превентивни цели, следење на хронични болни и здравствени интервенции. За сите овие здравствени услуги ќе се изработат посебни шифрарници, протоколи и упатства“, соопшти ФЗОМ.

Оттаму додаваат дека веќе е изготвена прва верзија на Шифрарникот на основни здравствени услуги, кој е имплементиран во „МојТермин“, со тоа што од 1 јули во електронскиот дневник избраниот лекар ќе ја бележи секоја услуга според шифрата, како и сите податоци согласно Законот за евиденциите од областа на здравството.

„Во исто време работните групи интензивно работат на изготвување на протоколи за најчестите заболувања, како што се: од дејноста општа медицина – за возрасни лица се предвидени областите – хипертензија, хипотиреоза, дијабет, астма и ХОББ; кај деца предвидени се областите превенција на дебелина кај деца, деформитети на ‘рбетен столб; и од дејноста гинекологија – антенатална грижа, цервикален канцер, семејно планирање“, соопшти ФЗОМ.