Иран ја идентификувал причината за инцидентот во нуклеарен објект

Оштетениот објект при нуклеарната посторојка Натанц во Иран

Иранското највисоко тело за безбедност соопшти дека причината за инцидентот во нуклеарниот објект Натанц е утврдена, но одби да објави детали, повикувајќи се на безбедносни причини. Еден објект во погонот за збогатување ураниум во Натанц беше оштетен пред два дена во наводна експлозија или пожар, поттикнувајќи ги шпекулациите за можен чин на саботажа, бидејќи иранските власти првично не дадоа објаснување што се случило.

„Поради некои безбедносни причини, причината која го предивикала овој инцидент ќе биде објавена во соодветно време“, изјави портпаролот на Врховниот ирански совет за безбедност, Киван Хосрави.

Иранската организација за атомска енергија на 2 јули ја опиша оштетената зграда како „индустриска барака“ во изградба. Објектот не бил дел од подземниот објект за збогатување ураниум, кој е заштитен од воздушни напади со 7,6 метри бетон.