Од Бојан до Кашоги

МАКЕДОНИЈА - Бојан Јовановски - Боки 13, кој е осуден во предметот Рекет, денеска повторно беше спроведен во Основното јавно обвинителство Скопје каде поднел кривични пријави за триесетина државни функционери и приватни лица.

МАКЕДОНИЈА - Во првото полугодие од 2020 година извршен е поврат на ДДВ кон фирмите од 12,7 милијарди денари или 206,5 милиони евра, што е за 6% повеќе во однос на лани или за 660 милиони денари повеќе, соопшти денеска Министерството за финансии. Оттаму додаваат дека ова е највисок поврат на ДДВ за овој период, споредено со изминатите години, што е значајно особено ако се земе предвид корона-кризата.

ГЕРМАНИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел почна да носи заштитна маска во јавноста, откако беше цел на критики поради тоа што не ја носеше, и покрај препораките на владата за сузбивање на коронавирусот.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство денеска информираше дека тестови за брза дијагностика на присуство на вирусот Sars-Cov-2 се распределени и почнуваат да се користат во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

ИРАК - Во северен Ирак е пронајдена масовна гробница, во која се верува дека се закопани телата на повеќе од стотина лица, кои најверојатно биле убиени од припадници на Исламска држава во Ирак и Левант.

ТУРЦИЈА - Во Истанбул денеска почна судски процес во отсуство на дваесетмината Саудијци, кои се обвинети за вмешаност во убиството на саудискиот дисидент и новинар Џамал Кашоги во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул во 2018 година.

СРБИЈА - Ноќните клубови, сплавовите и кафулињата што немаат тераси во Белград ќе бидат затворени на две недели во периодот од 23 часот до 6 часот,како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот. Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека парично ќе бидат казнети лицата кои нема да носат заштитни маски во трговските центри и јавниот градски и меѓуградски превоз, а ќе бидат затворени и студентските домови затоа што голем број студенти се заразени.