Претседатели и маски

БЕЛГИЈА - Стапката на невработеност во еврозоната се зголеми за 0,1 процентни поени во мај, што се должи на рестриктивните мерки поради пандемијата на коронавирус, јави германската новинска агенција ДПА.

МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот и висок функционер на ДУИ, Бујар Османи, денеска изјави дека подготовки за спроведување на пописот ќе започнат по изборите, а проблемот за неспроведениот попис минатата година, Османи го гледа во немањето консензус во Собранието.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1653 тестирања и се регистрирани 173 нови случаи на ковид-19, а починале 15 пациенти.

ЛИБИЈА - Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, му порача на командантот на либиските источни сили, Калифа Хафтар, дека не може да има воено решение за конфликтот започнат во април минатата година против владата поддржана од ОН во Триполи, изјави денеска портпаролот на ОН, Стефан Дижарик.

МЈАНМАР - Бројот на загинати рудари од свлечиштето во рудник за жад во Мјанмар се зголеми на 110, јави германската новинска агенција ДПА. Претходните информации беа дека се загинати 50 рудари, но спасувачките служби стравуваа дека тоа не е конечната бројка.

АВСТРАЛИЈА - Австралискиот премиер Скот Морисон изјави денеска дека неговата влада размислува да понуди засолниште на граѓаните на Хонг Конг, кои се плашат од спроведувањето на неодамна усвоениот кинески закон за национална безбедност во таа полуавтономна покраина.

ЦРНА ГОРА - Црногорските пратеници го изгласаа Законот за животно партнерство на лица од ист пол. За усвојување на Предлог-законот за истополово партнерство беа потребни 41 гласови ЗА, а тој беше изгласан од 42 пратеници.

САД - Претседателот на САД Доналд Трамп, кој избегнува да се во јавноста да носи заштитна маска на лице, изјави дека ќе ја носи доколку е на затворено и со други луѓе во обид да го спречи ширењето на коронавирусот. Секако дека сум за маски, изјави Трамп на телевизијата Фокс, додавајќи: Ако би бил во таква ситуација, апсолутно би носел маска.

RРУСИЈА - На националниот, необврзувачки референдум во Русија за уставните измени, кои, меѓу другото, би му го отвориле патот на претседателот Владимир Путин да побара уште два мандата и да остане на власт до 2036 година, според првичните резултати објавени од Централната изборна комисија, бил одобрен од страна на големо мнозинство на оние кои гласаа. Со пребројани 98 проценти од гласачките ливчиња, скоро 78 проценти гласале за измените, додека околу 21 насто гласале против.