Ѓоковиќ негативен на коронавирусот

Архивска фотографија- тенисерот Новак Ѓоковиќ на хуманитарниот турнир Адриа

Србинот Новак Ѓоќовиќ, кој е најдобар светски тенисер и неговата сопруга се негативни на тестовите за коронавирус, соопшти денеска неговата служба за односи со јавноста. Тие беа позитивни на тестирањето за коронавирусот пред десет дена. Ѓоковиќ се тестираше по хуманитарниот турнир кој го организираше во Србија и Хрватска, а на чии натпревари во Белград и Задар не се одржуваше физичка дистанца.

Во денешното соопштение од неговиот прес тим се наведува дека брачниот пар немал симптоми и дека биле во самоизолација во Белград откако беа позитивни.

Тој беше четвртиот тенисер кој беше позитивен, а учествувал на турнирот. Другите тројца се Григор Димитров, Борна Ќориќ и Виктор Троицки.