Претседателите на Турција, Русија и Иран разговараа за Сирија

Архивска фотографија: Претседателите на Иран, Русија и Турција: Хасан Рохани, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган

Претседателите на Турција, Русија и Иран денеска разговараа преку конференциска врска за состојбата во Сирија. Иранскиот претседател Хасан Рохани рече дека „нелегитимното“ присуство на американските сили во Сирија треба веднаш да заврши.

Денешниот разговор, во таканаречениот формат Астана, е прв по разговорите во септември за состојбата во Сирија, каде веќе 10 години има воен конфликт.

Иран и Русија го поддржуваат сирискиот претседател Башар ал-Асад, додека Турција повика на негово соборување и поддршка на опозиционите борци.

Сите три земји исто така се борат против остатоци од групата Исламска држава (ИД).

Американскиот претседател Доналд Трамп во декември 2018 година соопшти дека наредил повлекување на сите американски трупи што оперираат во Сирија, околу 2500 на број. САД планираат да го финализираат повлекувањето на своите трупи подоцна оваа година.

Рохани за време на разговорот инсистирал на тоа дека нема воено решение за Сирија, но ја повтори својата решеност да ги искорени остатоците од ИД.

Путин на своите колеги им рекол дека е потребен мирен дијалог меѓу завојуваните страни во Сирија. Тој рекол дека во Сирија сè уште има терористички жаришта.

Турција и Русија во март посредуваа за прекин на огнот во провинцијата Идлиб, која е под контрола на бунтовниците. Како дел од договорот за прекин на огнот, турските и руските трупи спроведуваат заеднички патроли во тампон-зоната меѓу бунтовниците и сириските владини сили.