Од Боки и Ременски до Путин и Ердоган

МАКЕДОНИЈА - По неколкудневните летни горештини, од утре попладне, под влијание на понестабилна воздушна маса, се најавува нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, соопшти УХМР.

МАКЕДОНИЈА - Одговорно ги отфрламе сите обвинувачки тврдења за нелегално финансирање на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори во 2019 година, реагира денеска фирмата Орха холдинг, во сопственост на бизнисменот Орце Камчев, откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во вчерашниот предизборен дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвини дека Камчев нелегално ја финансирал ВМРО-ДПМНЕ.

МАКЕДОНИЈА - ДИК денеска го заклучи Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори на 15 јули и право на глас на изборите ќе имаат еден милион 814 илјади и 263 гласачи, информираше денеска претседателот на Комисијата, Оливер Дерковски.

МАКЕДОНИЈА - По Фросина Ременски, изземање на обвинителката Вилма Русковска од случајот Меѓународен сојуз, денеска побара и првообвинетиот Бојан Јовановски - Боки 13. И Јовановски, како и Ременски, ја обвини Русковска за селективно и тенденциозно постапување. Поради тоа првото рочиште беше одложено.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство денеска информираше дека во последните 24 часа се направени 954 тестирања, а регистрирани се 120 нови случаи на ковид-19. Регистрирани се и 4 починати.

ФРАНЦИЈА - Најстарата нуклеарна електрана во Франција беше затворена после четири децении работа и долгогодишна кампања на антинуклеарните активисти. Затворањето на нуклеарната Фесенхајм, во близина на границата со Германија, е дел од планот на претседателот Емануел Макрон за смалување на зависноста од нукллеарна енергија и користење на обновливи извори на енергија.

ТУРЦИЈА - Вселенскиот патријарх Вартоломеј денеска порача дека евентуалното претворање на Света Софија во Истанбул (Аја Софија) во џамија ќе насочи милиони христијани од целиот свет против исламот. Тој додаде дека како музеј, Света Софија има можност да биде место и симбол на средби, дијалог и мирен соживот на народите и културите, на меѓусебно разбирање и солидарност на христијанството и исламот, што се особено неопходни и корисни за современиот свет.

ХРВАТСКА - Првите 517 чешки туристи од специјалниот летен воз за Јадран по 15 часа патување пристигна во хрватскиот град Риека. После 3,5 месеци рестрикции поради пандемијата на коронавирус, Чесите побрзаа безбедно, со специјален воз, да стигнат на море. За наредните 14 дена веќе се продадени околу 30 илјади карти за возот на приватниот чешки превозник Региоџет.

ГРЦИЈА / СРБИЈА - Граѓаните на Србија можат да влезат во Грција само од Бугарија, преку граничниот премин Кулата - Промахонас, се наведува во денешниот билтен на грчкото Министерство за надворешни работи. Грција го обнови меѓународниот сообраќај на сите аеродроми, а отворени се и пристаништата Патрас и Игуменица.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Усвојувањето на законот за безбедност во Хонг Конг од страна на Кина го нарушил високиот степен на автономија на Хонг Конг и претставува закана за слободите и правата заштитени со Заедничката декларација од 1984 година, изјави денеска британскиот премиер Борис Џонсон.

КИНА - Полицијата во Хонгконг денеска употреби водени топови за да растера помали групи демонстранти, а на мета биле и новинари. Биле уапсени 30 лица во протестите кои се одржуваат еден ден по усвојувањето на законот за национална безбедност од страна на кинескиот Парламент, објави германската новинска агенција ДПА.

АВСТРАЛИЈА - Австралиските власти воведуваат карантин за околу 300.000 луѓе во над 30 предградија во северниот дел на Мелбурн, а мерката ќе стапи во сила од денеска на полноќ, јави АП. Мерката се воведува по двонеделниот двоцифрен пораст на бројот на новозаразени со Ковид-19 и ќе биде во сила до крајот на месецов.

ИЗРАЕЛ - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека разговорите со Соединетите држави за планот за анексија на окупираниот Западен Брег ќе продолжат во наредните денови, потег кој назначува дека ќе го пропушти 1 јули, датумот кој Нетанјаху го објави за почеток на контроверзниот план. Двете страни разговараат веќе неколку месеци за финализирање на мапите на подрачјето на Западниот Брег што ќе бидат анектирани од Израел.

РУСИЈА - Претседателите на Русија, Иран и Турција Владимир Путин, Хасан Рохани и Реџеп Таип Ердоган на видео конференција разговараа за конфликтот во Сирија, соопшти Кремљ. Денеска Путин гласаше и на референдумот за уставни измени кои би му овозможиле нови претседателски мандати.