Состојбата во Дебар алармантна, меѓу болните има студенти и ученици

Кризен штаб, Дебар

Во втората фаза од пандемијата во општина Дебар состојбата е аларматна и таа се карактеризира со пораст на бројот на млади болни студенти и ученици пристигнати од Скопје, Тетово и Струга. Меѓу 20 и 30 насто од новозаболените во оваа општина се млади. Ова го изјави за Радио Слободна Европа дебарскиот градоначалник Хекуран Дука, кој додаде дека за само четири дена од 35 тестирања регистрирани се 6 болни, додека резултатите за другите тестирани се во очекување.

Дука изјави дека во втората фаза вкупниот број на нови болни е 38 од кои седум се на лекување во Скопската клиника, додека другите се лекуваат во домашни услови. Тој додаде дека штабот според информациите на здравствените иснтитуции состојбата ја оценува како мошне аларманта и во наредните денови се очекува зголемување на бројот на болните.

„Деновиве имавме увезени случаи од Ковид 19 во Дебар“, рече Дука и додаде дека отворањето на границите од денеска бара максимална дисциплина и почитување на мерките за заштита.

Од почетокот на пандемијата во општините Дебар и центар Жупа, каде што беа евидентирани и првите болни од Ковид 19 на 26 февруари до денеска бројот на болните е 90, од кои четири лица се починати.