Тенискиот турнир во Задар прекинат, политичари во самоизолација

Тенисерот Борна Ќориќ, тениски турнир во Задар

Коронавирусот предизвика страв во Задар откако се дозна дека двајца тенисери, Борна Ќориќ и Григор Димитров и двајца тренери, на Ѓоковиќ и на Димитров, се позитивни на коронавирусот.

Хрватскиот министер за внатрешни работи и шеф на Националниот штаб Давор Божиновиќ денеска изјави дека тестирањата продолжуваат и оти се отвораат телефонски линии на кои граѓаните можат да прашаат се што ги интересира.

„Секој што имал контакт со тенисерите треба да се изолира, епидемиолозите ќе контактираат со нив“, рече Божиновиќ.

Тој додаде дека згрешиле сите што не се придржувале до мерките за претпазливост.

Иако претставници на хрватската Влада првично рекоа дека премиерот Андреј Пленковиќ ќе биде тестиран доколку е потребно, утрово потврдија дека Пленковиќ ќе се тестира денеска. Оваа потврда дошла откако откриле дека на коронавирусот се позитивни и Борна Ќориќ, тренерот на Ѓоковиќ, но и тренерот на Григор Димитров.

Од Хрватската влада соопштија дека Пленковиќ немал близок контакт со никого на турнирот, но тој бил во близок контакт со задарскиот жупан Божидар Лонгин. Се сретнал и со Ѓоковиќ, кусо и без ракување.