Завршува вонредната состојба, од среда стартува изборната кампања

Избирачко место - архивска фотографија

Денеска истекува осумдневната вонредна состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски со цел да се спроведат неопходните подготовки за организација на предвремените парламентарни избори на 15 јули. Последната, петта, вонредна состојба беше прогласена на 15 јуни по постигнатиот договор меѓу лидерите на владејачката СДСМ Зоран Заев и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за терминот за изборно соочување.

Ќе донесат ли изборите стабилност?

Предвремените парламентарни избори првично требаше да се одржат на 12 април, но поради кризата со коронавирусот и прогласувањето на првата вонредна состојба во март, со владина уредба изборните дејствија беа прекинати. На предвремените парламентарни избори, според поднесените листи до ДИК, ќе учествуваат 15 коалиции и партии со 1.598 кандидати. Изборната кампања почнува в среда, на 24 јуни.

Кандидатските листи свежи, изборниот модел бајат

Партиите најавија дека ќе се фокусираат врз кампања која ќе биде безбедна по здравјето на граѓаните, без големи настани и митинзи, со зголемено користење на социјалните мрежи, традиционалните медиуми, билборди, и друг тип на онлајн претставувања.