Мустафа - Дијалогот со Србија може да биде завршен наесен

Иса Мустафа.

Процесот на дијалог со Србија може да биде завршен наесен, пред претседателските избори во Соединетите Американски Држави, изјави претседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Иса Мустафа.

„Ако тоа е случај, тогаш агендата ќе биде во овој временски рок. Мирослав Лајчак, со кого разговаравме вчера, беше убеден дека оваа работа треба да се направи до крајот на годината, без никакви ветувања. Убеден сум дека тоа може да се постигне“, рече Мустафа.

Тој оцени дека е важно да се постигне договор со Србија пред изборот на новиот претседател на Косово.

Тој додаде дека дијалогот со Србија ќе биде завршен наскоро ако, како што оцени, постои заложба од Вашингтон и соработка меѓу САД и Европската унија во завршувањето на процесот.

Американскиот претставник во дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, изјави дека во оваа фаза, што тој ја нарекува прва фаза од дијалогот, мора да се постигне нормализирање на економските односи меѓу двете земји, по што ќе следи и политичката фаза што ќе треба да ја предводи ЕУ.