Врховниот суд на САД против планот на Трамп за младите имигранти

Архивска фотографија- американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот Врховен суд го отфрли обидот на претседателот Доналд Трамп да ja затвори програмата за заштита на младите имигранти кои во САД доаѓаат како деца и живеат без документи. Денешната одлука на судот им овозможува на околу 650 000 млади имигранти, наречени „сонувачи“ да продолжат да живеат во земјата без страв од депортација. Тоа сепак не им гарантира добивање државјанство.

Трамп веднаш на социјалната мрежа Твитер наведе дека Врховниот суд донел „ужасна и политичка одлука“ против републиканците и конзервативците.

Администрацијата на актуелниот претседател во септември 2017 година, во обид да ја намали имиграцијата, соопшти дека ќе бара прекин на програмата со која им се пружаше помош на имигрантите кои во САД пристигнуваат како деца.

Неговиот претходник Барак Обама ја донесе програмата како извршна уредба во 2012 година, откако конгресот со години не успеваше да ги изгласа имиграциските реформи.