Уапсен Фикрет Абдиќ, началник на општината Велика Кладуша

Архивска фотографија- началникот на Велика Кладуша Фикрет Абдиќ

Припадници на Федералната полициска управа на Босна и Херцеговина денеска го уапсија началникот на Велика Кладуша Фикрет Абдиќ и неколку негови соработници поради сомнеж за корупција и злоупотреба на положбата. Акцијата, како што се јавува е со име „Мрежа“.

Абдиќ беше избран за началник на Велика Кладуша пред четири години и покрај тоа што претходно во Хрватска е осуден за воени злосторства. Првично тој беше осуден на 20 години, а потоа судот ја преиначи казната на 15 години затвор поради воени злосторства извршени на подрачјето на Босанска краина од 1993 до 1995 година.

Абдиќ одлежа две третини од казната и од затворот во Пула беше пуштен во 2012 година.