НАТО со координирана акција за справување со пандемијата

Архивска фотографија- Министерката за одбрана Радмила Шекеринска

На денешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО беше донесен Оперативниот план на Алијансата за координирана акција во справување со пандемијата на коронавирусот, информира попладнево министерката за одбрана Радмила Шекеринска по завршување на министерскиот состанок.

Со новиот план, како што посочи, реакцијата на Алијансата и на земјите членки ќе биде уште побрза и поефикасна и ќе се овозможи критичната асистенција да стигне до оние на кои најмногу им е потребна помош, побрзо и на поефикасен начин.

Таа соопшти дека на состанокот биле донесени и други одлуки, односно дека НАТО Алијансата создава заеднички фонд кој ќе ги покрие итните потреби на земјите членки и фонд кој ќе се користи за набавка и обезбедување на медицинска опрема, но и транспорт на опремата на пациентите и на здравствените работници.

Договорено е дека во рамки на Алијансата ќе се креира залиха на медицинска опрема за што веќе НАТО ги започнало првите подготовки. Овие залихи, информира министерката, ќе вклучуваат финансиски средства од сојузниците, донации и опрема која ќе се набавува преку Фондот, а ќе се користи за потребите на сите членки на Алијансата.