Нурсултан Назарбаев заразен со коронавирус

Поранешниот претседател на Казахстан, Нурсултан Назарбаев

Поранешниот претседател на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, е заразен со коронавирус, соопштено е на неговиот сајт.

Казахстанците со интерес ја следат здравствената состојба на 79-годишниот Назарбаев, кој ја водеше земјата од независноста во 1991 година до лани. Во март 2019 година, тој поднесе оставка, но си обезбеди статус кој му овозможува да задржи важна улога, доживотно да биде на чело на Советот за безбедност и е претседател на владејачката партија Нур Отан.

Назарбаев има титула „Татко на нацијата“ (Елбаси), која му гарантира правен имунитет.

На чело на државата се е Касим Жомарт Токаев, кој прво беше именуван за в.д. претседател, а на изборите во јуни 2019 беше избран за претседател.

„За жал последниот скрининг за коронавирус кај Елбаси беше позитивен, но нема причина за загриженост“, се наведува во соопштението, во кое се додава дека Назарбаев продолжил да „работи од далечина“ и дека тој е во самоизолација, што укажува на тоа дека не е хоспитализиран.

Неколку високи функционери во Казахстан се заразени со коронавирус.

Според официјалните податоци, во Казахстан се регистрирани скоро 16 илјади случаи на коронавирус, а 100 луѓе починаа.