Одложена посетата на руските министри на Турција

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Анкара денеска објави дека е одложена планираната посета на руските министри за надворешни работи и за одбрана, на која требаше да разговараат за кризите во Либија и во Сирија, каде што двете земји поддржуваат спротивставени страни.

Министрите Сергеј Лавров и Сергеј Шојгу требаше денеска да пристигнат во Истанбул на средба договорена меѓу претседателите на Турција и на Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин, соопштија вчера министерствата за надворешни работи во двете земји. Но, турското МНР денеска соопшти дека двете страни одлучиле наместо тоа, засега да останат во контакт.

Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу и неговиот руски колега Сергеј Лавров во денешниот телефонски разговор се согласиле контактите да продолжат во наредниот период и оти средбата на министерско ниво ќе се одржат на „подоцнежен датум“.

Турција и Русија, чии лидери во изминатите години развија силно партнерство, поддржуваат спротивставени страни во Либија, каде што има немири од падот на диктаторот Моамер Гадафи во 2011 година. Русија, заедно со Обединетите Арапски Емирати и Египет ги поддржува бунтовниците на Калифа Хафтар, додека Турција, заедно со Катар, ја поддржува Владата на национална спогодба во Триполи, која е признаена од ОН. Во Сирија, Турција и Русија велат дека работат на политичко решение за конфликтот. Денеска се очекува во Истанбул да пристигне иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф, пред утрешните разговори со турски претставници, информираат турски дипломатски извори. Иран и Русија го поддржуваат сирискиот претседател Башар ал-Асад, додека Турција е на страна на бунтовниците.