Косово отворено за дијалог, Тачи очекува решение годинава

Косовскиот претседател Хашим Тачи

Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека косовските институции се подготвени за продолжување на дијалогот со Србија и е оптимист дека договорот за надминување на споровите меѓу двете земји може да се постигне до крајот на годинава, јави МИА од Приштина.

Тачи на денешната прес-конференција во Приштина повтори дека очекува дијалогот да резултира со меѓусебно признавање на двете земји, со што на Косово ќе му се отвори патот за зачленување во НАТО и во Европска Унија.

Тој изрази задоволство поради одлуката на новата косовска Влада да го укине трговскиот реципроцитет кон Србија, оценувајќи дека по ова Белград нема веќе оправдување за „да бега од дијалогот“.

Претходно, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека со укинувањето на косовските мерки за реципроцитет е отворен просторот за дијалогот Белград – Приштина. Тој, во интервју за Радио Слободна Европа, рече дека се откажал од големите иницијативи за решавање на прашањето на Косово и додаде дека чека што ќе биде предложено.