Странските дипломати го поздравија договорот за изборната реформа во Албанија

Архивска фотографија: Парламентот во Тирана

Амбасадорите на Соединетите Американски Држави, Европската унија, Велика Британија и ОБСЕ, кои одиграа клучна улога во тешките преговори меѓу страните, го поздравија постигнатиот договор за изборната реформа во Албанија, оценувајќи дека „Албанија е сè поблиску до ЕУ“.

„Ние сме многу задоволни што овој договор беше постигнат, по многу часови работа. Секоја личност, сите страни што беа таму дадоа свои придонес и се откажува од нешто. Тие го направија ова за да ја направат Албанија добитник. Некои ќе го критикуваат овој договор, но ако го погледнеме во поширок контекст, ова е нешто што сите ќе го поддржат подоцна. Горди сме на тоа, САД ќе го поддржат патот кон ЕУ“, изјави американската амбасадорка Јури Ким.

Постигнатиот договор го поздрави и амбасадорот на мисијата на ЕУ во Тирана, Луиџи Сореца.

„Во име на ЕУ, сакам да кажам дека Албанија е поблиску до ЕУ. Ова е затоа што ќе се исполни еден од условите за започнување на преговорите“, рече меѓу другото Сореца.

Британскиот амбасадор Данкан Норман оценува дека „ова е многу добар ден по многу преговори“.

Договорот го поздравија и од мисијата на ОБСЕ, оценувајќи дека се земени во предвид препораките на оваа организација.

Политичкиот совет, составен од претставници на политичките партии од власта и опозицијата, по многу средби синоќа по полноќ постигнаа договор околу изборните реформи, што е еден од 15-те услови за почеток на преговори на Албанија со ЕУ.