Владика и нафта

МАКЕДОНИЈА - Повардарската епархија, на чело со владиката Агатангел, денеска ги повика православните верници од местата кои се под таа епархија во петок и сабота да одат во црквите, бидејќи има забрана за одење на гробишта за Задушница како антикорона мерка. Министерот за здравство, Венко Филипче, го повика владиката Агатангел да го повлече повикот до верниците.

МАКЕДОНИЈА - Ова е за мене лично голема победа и предупредување - ниедна друга власт во иднина, посебно не извршната така брутално како во режимот на Никола Груевски да се меша во судската власт, вели претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, откако Судот во Стразбур донесе пресуда во негова корист во врска со случајот Кампања. Бошкоски рече дека парите од отштетата ќе ги донира за борбата за правда.

МАКЕДОНИЈА - Во последните 24 часа се направени 953 тестирања, а регистрирани се 120 нови случаи на ковид-19. Починале двајца пациенти, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

РУСИЈА - Уапсен е шефот на термоцентралата во Русија од која истече дизел гориво во локалните реки во арктичкиот предел, заканувајќи се со еколошка катастрофа. Во сибирскиот град Норилск најмалку 20.000 тони дизел гориво се истури од термоцентралата на 29 мај во близина на градот, над Арктичкиот круг.

СРБИЈА - Србија се согласила да прекине со кампањата за повлекување на признавањата на Косово, потврдија за новинарите дипломатски избори во Брисел, јавува дописникот на Радио Слободна Европа од Брисел. Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, негира.

МЕКСИКО - Тропската бура Кристобал предизвика поројни дождови и големи поплави во некои делови на Мексико, но според прогнозите би можела до вечерва да премине во тропска депресија, соопшти американскиот Центар за урагани. Бурата Кристобал, со брзина на ветрот од 75 километри на час, го погодила брегот на Мексико 35 километри од Сијудад дел Кармен.

ИНДОНЕЗИЈА - Земјотрес со интензитет од 6,5 степени според Рихтерова скала ја погоди денеска Индонезија, односно подрачјето во близина на провинцијата северен Сулавеси, кај островот Халмахера.

КИНА - Најмалку 39 лица биле повредени во денешниот напад со нож во градинка во јужна Кина, јавуваат државните медиуми. Локалните власти во округот Кангву во регионот Гуангкси соопштија дека 37 деца и двајца возрасни претрпеле повреди со различен степен. Државните медиуми објавија дека напаѓачот бил 50-годишен чувар во училиштето чие презиме е Ли.

БЕЛОРУСИЈА - Белорускиот претседател Александар Лукашенко ја распушти својата влада два месеца пред претседателските избори. Предвидено е изборите да се одржат на 9 август, а Лукашенко, кој од 1994 година владее во земјата која има 9,5 милиони жители, се очекува да го добие неговиот шести мандат.