Обвинителство отвори предмет по повикот за посета на храмовите за Задушница

Владиката Агатангел

Oсновното јавно обвинителство Велес отвори предмет по допрен глас по објавите во медиумите и јавното соопштение на митрополитот Агатангел и Повардарската епархија, со кое ги повикува верниците на масовно одење во храмовите за време на верскиот празник Духовденска задушница, додека во сила е забраната за групирање на територијата на целата држава, забраната за движење на населението во одредени временски периоди и забраната за пристап до гробишта.

Велешкото Обвинителство дало насоки на СВР Велес да обезбеди податоци во однос на стореното дело и испитување на околностите дали содржи обележја на кривично дело, како и во поглед на почитувањето на мерките што се определени од страна на Владата, соопшти денеска Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Повардарската епархија, на чело со владиката Агатангел, денеска ги повика православните верници од местата кои се под таа епархија во петок и сабота да одат во црквите, бидејќи има забрана за одење на гробишта за Задушница како антикорона мерка.

Министерот за здравство Венко Филипче го повика епископот на Повардарската епархија, Агатангел, да го повлече повикот до верниците.